Се урива комплексот Космос на пратеникот Фијат Цаноски

Станбениот комплекс Космос(проект)

Силно полициско обезбедување и градежни инспектори од општина Гази Баба се наоѓаат пред комплексот во изградба-Космос, на бизнисменот и пратеник Фијат Цаноски. Луѓето блиски до Цаноски велат дека уривањето на објектите се уште не е почнато. Инспекцијата сака да урне шест ката, или околу 35.000 квадратни метри од објектот.

Комплексот се гради во населбата Ќерамидница, покрај Вардар, во непосредна близина на Уневерзитетот ФОН, кој исто така е во сопственост на Цаноски. Од Универзитетот велат дека полицијата дошла кај објектите во изградба уште од 4 часот утринава.

Во општина Гази Баба велат дека пред десетина дена е запрена изградбата на луксузниот станбен комплекс „Космос“ и оти градежната дозвола им е одземена поради утврдени отстапки во висината, надвор од дозволата за градба и од Деталниот урбанистички план.

Цаноски, пак, прашува како може да има отстапки во висината, кога објектот се уште е во фаза на градба. Тој тврди дека се што гради досега е легално и дека ја поседува целата документација. Според него, се уште не му е поминат рокот за жалба на, како што тврди, заклучокот кој што му бил неправилно доставен. Најави кривични пријави и тужби пред меѓународни судски институции.

Во претходниот пратенички состав, Цаноски и неговата ПЕИ беа коалициски партнери на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. На овие избори, тој влезе во Парламентот како коалициски партнер на опозицискиот СДСМ.

Цаноски му е сват на сопственикот на телевизијата А1, Велија Рамковски. Помладата ќерка на Рамковски е сопруга на синот на Цаноски.

АЕК пред два дена му ја одзеде концесијата на А1, а Рамковски и уште неколкумина негови соработници неколку месеци се во притвор. Тие се обвинети за затајување данок и економски криминал во случајот Пајажина.