Владата на Борисов го „преживеа“ гласањето за доверба

Бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Бугарското Собрание синоќа ја отфрли иницијативата на опозицијата за изгласување недоверба на Владата на премиерот Бојко Борисов. За иницијативата гласале 91 пратеник, 143 гласале „против“, а еден народен избраник бил „воздржан“.

Иницијативата ја поддржале пратениците од левичарската Коалиција за Бугарија предводена од Бугарската социјалистичка партија, од партијата на бугарските Турци, Движењето за права и слободи, но и од претставниците на конзервативната Сина коалиција.

За доверба на Владата гласале пратениците од владејачката конзервативна партија Граѓани за европски развој на Бугарија и од националистичката партија АТАКА, како и независни пратеници.

За да биде усвоена иницијативата требаше да добие поддршка од најмалку 121 од вкупно 240 пратеници во бугарското Собрание.