Крвави судири меѓу демонстрантите и контрадемонстранти во Сирија

Антивладини протести во Хомс на 27 мај 2011 година.

Најмалку 30 луѓе загинале во изминатите 24 часа во судири меѓу противниците и подржувачите на режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад во градот Хомс во централна Сирија. Ова го соопшти Рами Абдел Раман од организацијата Сириска опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон. Тој вели дека до судирите дошло откако тројца подржувачи на режимот, што биле киднапирани минатата недела, биле убиени, а нивните распарчени тела во саботата им биле донесени на семејствата. Абдел Раман смета дека „судирите се опасен развој на настаните што ја поткопува револуцијата и им служат на интересите на нејзините непријатели кои сакаат да ја втурнат земјата во граѓанска војна“.