СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се „фатија“ за Судскиот совет

Министерот за правда Михајло Маневски

Опозициската СДСМ смета дека утрешната итна седница на Судскиот совет е закажана за тајно да се направи избор на нови судии во што со право на глас ќе учествува и министерот за правда во заминување Михајло Маневски. На седницата ќе се избираат 13 нови судии, од кои тројца во највисоката судска инстанца во државава – Врховниот суд. Од СДСМ прашуваат зошто седницата на Судскиот совет за избор на толкав број судии се закажува среде лето, во период на колективниот летен одмор во судството, кога судовите не работат и зошто се сака да се изврши таен и итен избор на судии пред заминувањето на Маневски . Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека министерот за правда има право на еден глас само заради измените на Уставот во делот за Судски совет кои ги донесе СДСМ, а за кои ВМРО-ДПМНЕ уште тогаш беше против. Во соопштението од партијата се наведува дека лицемерието на СДСМ е всушност одлуката во 1996 година за само една вечер да се изберат 630 судии во сите судови во Македонија.