Составот и програмата на новата влада доставени до Собранието

Мандатарот Никола Груевски до Собранието на Република Македонија ја достави владината програма и имињата на новите министри во новиот владин кабинет.

Во новиот владин состав вицепремиерските места од ВМРО-ДПМНЕ ги задржуваат Зоран Ставрески и Владимир Пешевски. Гордана Јанкулоска останува на чело на МВР, додека Министерството за култура и понатаму ќе го води Елизабета Канческа-Милевска.

Никола Попоски, досегашниот амбасадор во ЕУ, ќе раководи со македонската дипломатија, Никола Тодоров ќе раководи со Министерството за здравство, а нов министер за образование и наука од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е Панче Кралев. Министер за администрација и информатичко општество останува Иво Ивановски, како и Миле Јанакиески, кој ќе го води Министерството за транспорт и врски.

Министерството за земјоделство и во овој состав и припадна на Социјалистичката партија и ќе продолжи да го води Љупчо Димовски. Министер за труд и социјална политика ќе биде Спиро Ристески, кој досега беше заменик-министер во овој ресор.

Од редовите на коалицискиот партнер ДУИ има двајца вицепремиери - за европска интеграција е Теута Арифи, а за спроведување на Рамковниот договор - Муса Џафери. Валон Сарачини ќе го води ресорот економија, а досегашниот министер Фатмир Бесими преминува на чело на Министерството за одбрана.

Екологија ќе ја води Абдулаќим Адеми, локалната самоуправа Невзат Бејта, а министер за правда ќе биде Блерим Беџети.

Министри без ресор остануваат Неждет Мустафа, Хади Незир и Веле Самак.

Од синоќа почнува да тече 10-дневниот период предвиден со закон за гласање во Парламентот. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски се уште не донел одлука кога ќе ја закаже седницата за избор на нова влада.