НАТО-САД да не избрзуваат со намалување војници од Авганистан

Американски војници во Авганистан

НАТО сојузниците денеска го повика Вашингтон да не избрзува премногу со плановите за намалување на бројот на американски војници во Авганистан. Соединетите држави планираат од следниот месец да почнат со повлекување на дел од војниците кои служат во Авганистан. Таму се наоѓаат 100 илјади американски војници. Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО на денешниот состанок во Брисел изразија загриженост околу тоа како ќе влијае на Авганистан ако се повлечат многу американски трупи од таму. Британскиот секретар за одбрана Лиам Фокс изјави дека секое намалување треба да биде направено на начин на кој нема да се поткопа работата на сојузничките сили.
Генералниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмунсен, претходно изјави дека Алијансата е на добар пат во процесот на предавање на одговорноста на безбедноста на авганистанските сили до крај на 2014 година.