Претседателот Иванов на Состанок на претседатели од Централна Европа

Претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов

Претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов денеска и утре во Варшава ќе учествува на Состанок на претседатели од Централна Европа. На состанокот ќе се разговара за актуелните политички и економски проблеми и предизвици во земјите од централно-европскиот регион, но и за глобалните политички прашања на европскиот континент и пошироко.

На состанокот ќе присуствува и американскиот претседател Барак Обама.

Иванов, вчера се сретна со полскиот претседател Бронислав Коморовски со кого разговараа на повеќе теми, меѓу кои за евроинтеграциите на Македонија, за спорот за името со Грција и за тоа до каде е процесот што се води пред Меѓународниот суд за правда во Хаг. Ова е прва средба на Иванов со Коморовски, кој ја прифати поканата да дојде во официјална посета на Македонија.

На маргините на состанокот, планирани се и повеќе билатерални средби на Иванов меѓу кои и со германскиот претседател Кристијан Вулф и со претседателот на Словачка, Иван Гашпарович.