ЕК ќе предложи заштитен механизам за визниот режим

Европската комисија утре треба да го утврди предлогот за воведување механизам за брзо привремено враќање на визниот режим за одредени земји и тоа во „вонредни“ ситуации, но тоа, како што велат пертставници на организацијата, не значи и повторно воведување на визите за граѓаните на Србија и Македонија, јавија новинските агенции. Портпаролот на Комисијата Мартин Грабјец за „Бета“ изјави дека станува збор за дополнување на постојната регулатива на Унијата, а не за враќање на визниот режим. „Тоа не значи дека веднаш ќе биде воведена обврската за поседување визи за граѓаните на Србија кои патуваат во ЕУ, туку дека ќе се создаде можност за побрзо враќање на визите за некои земји во вонредни ситуации“ рече Грабјец. Советот на министри на Унијата на 9 и 10 јуни во Луксембург треба да го усвои предлогот на ЕК, кој го поднесе комесарката Малмстром пред министрите за внатрешни работи на земјите-членки на 12 мај.