Предизборни ветувања за пензионерите

СДСМ доколку победи на претстојните предвремени парламентарни избори на пензионерите ќе им посвети особено внимание, вети носителот на листата во третата Изборна единица, Стевчо Јакимовски. Тој денеска на прес-конференција посочи дека ќе овозможат секој пат кога ќе се подобрува економијата, пензиите ќе растат, оти државата ќе овозможи социјална пензија за лицата над 65 години кои не примаат пензија бидејќи не го исполнуваат законскиот минимум од 15 години работен стаж, како и бесплатно здравство за пензионерите. „Висината на пензиите во иднина ќе се усогласува на секои три месеци. За пензионерите кои живеат во рурални средини оддалечени најмалку 10 километри од најблиската аптека ќе воведеме систем на бесплатна достава на лекови, во случај на потреба најмалку два пати месечно“ рече Јакимовски. Најави за подобри пензии и од владеачката партија. ВМРО-ДПМНЕ има многу јасна политика во однос на пензиите кои во текот на изминатиот мандат ги зголемивме за 35 проценти, а во наредните четири години тие ќе пораснат за уште 30 отсто, од кои 24 проценти ќе бидат вонредно зголемување, а шест насто тековно усогласување со порастот на платите и животните трошоци. Ова го изјави министерот за финансии Зоран Ставрески, носител на листата во четвртата изборна единица на Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.