Повик до граѓаните да излезат на избори

Фондацијата Отворено општество Македонија и Младинскиот образовен форум организираа целодневен настан, насловен „Гласам“, на кој ги повикаа граѓаните масовно да излезат и да гласаат на претстојните вонредни парламентарни избори. Со делење на брошури, беџови, налепници и други промотивни материјали, организаторите на настанот ги потсетуваа граѓаните на нивното демократското право, но и обврска да гласаат на денот на изборите, со што, според нив, директно се унапредува демократијата во Македонија и се намалува можноста за изборни нерегуларности. „Покрај можноста директно да се одлучува, овие избори се и шанса да се победат апатијата и стравот. Уставот на Република Македонија е гарант дека никој нема право да знае за кого граѓаните гласале, ниту пак тие имаат обврска да го соопштат изборот што го направиле“, изјави Ана Медарска од ФООМ.