Катрин Ештон во Бања Лука на разговори со Додик

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон, која синоќа со соработниците допатува во Сараево, денеска во Бања Лука ќе се состане со претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
Ештон во рамки на посетата на БиХ ќе разговара и со членовите на Претседателството на БиХ, како и со лидерите на СДП, Златко Лагумџија и на СДА, Сулејман Тихиќ.
Ештон, како што јавуваат српските медиуми, сака да помогне во решавањето на кризата во РС, која настана поради собраниската одлука да се одржи референдум во овој босански ентитет и да се деблокира процесот на формирање на власт во БиХ.
Ештон синоќа веднаш по пристигнувањето во Сараево разговараше и со високиот претставник на меѓународната заедница, Валентин Инцко, кој на властите на РС до денеска им даде рок да ги поништат општинските заклучоци и одлуката за референдум во врска со законите, наметнати од високиот претставник, особено за правосудниот систем на БиХ.