Генерален штрајк во Грција поради мерките за штедење

Државниот и приватниот сектор во Грција денеска ќе биде парализиран од новиот 24-часовен генерален штрајк, организиран од двата репрезентативни синдиката во земјата - Генералната конфедерација на трудот (ГССЕ) и Федерацијата на државни службеници (АДЕДИ). Синдикатите протестираат против наметнатото од ЕУ и ММФ затегнување на ремените и инсистираат владата веќе да не презема мерки за штедење. Ова ќе биде десетти синдикален штрајк од мај минатата година, организиран по потпишаниот меморандум на владата на Папандреу со кредиторите од еврозоната и ММФ за спасувачки заеми во износ од 110 милијарди евра, што Грција ги доби за излез од кризата. Јавниот транспорт ќе биде блокиран, а бродовите ќе останат на пристаништата. Од 12 до 16 часот нема да има никакви летови, а болниците ќе ги опслужуваат само итните случаи.