ДИК: Вкупно 16.727 граѓани извршиле увид во Избирачкиот список

Вкупно 16.727 граѓани извршиле увид во Избирачкиот список во предвидениот законски рок од 10 дена, изјави на денешната прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија Борис Кондарко. „Согласно законот, во следните 10 дена, односно најдоцна до 14 мај ќе бидат обработени сите барања кои се доставени од страна на граѓаните, без разлика дали се работи за запишување или бришење, по што Избирачкиот список ќе се заклучи и ќе биде потпишан од ДИК“, рече Кондарко. Тој додаде дека ноќеска до 3 часот по полноќ бројот на македонски државјани според првичните неофицијални податоци, кои се пријавиле да гласаат во странство изнесува 4.771 лице. Претседателот на ДИК рече оваа бројка засега е првична и неофицијална со можност за нејзино варирање, но по рокот за обработка кој истекува по наредните три дена Комисијата ќе излезе со официјални податоци за лицата кои се пријавиле да гласаат во странство.