Турција побара Гадафи да се повлече и да замине од Либија

Реџеп Таип Ердоган

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган денеска го повика либискиот лидер Моамер Гадафи веднаш да се повлече од власта со цел да се стави крај на крвопролевањето во Либија. „Ние сакаме либискиот лидер да ја напушти Либија и да ја отстапи власта поради него и иднината на неговата земја, за да не предизвикува повеќе крвопролевање, солзи и уништување“ изјави Ердоган. Туција, која пред немирите во Либија одржуваше добри односи со режимот во Триполи, досега се воздржуваше да побара повлекување на Гадафи, иако истовремено водеше дијалог со либиската опозиција со цел да се постигне примирје меѓу завојуваните страни. По повеќе од шест седмици по интервенцијата на Меѓународната коалиција во Либија Контакт групата за Либија ќе оддржи нова седница во четврток во Рим. Турција на седницата ќе биде претставена од министерот за надворешни работи Ахмет Давутоглу.