Почна средбата Груевски - Папандреу во Брисел

Јоргос Папандреу и Никола Груевски

Во седиштето на Советот на ЕУ во Брисел попладнево почна средбата на премиерите на Македонија и на Грција Никола Груевски и Јоргос Папандреу. Како што е најавено, и на оваа, девета по ред тет-а-тет средба, двајцата премиери ќе се обидат да ги приближат позициите околу спорот за името. Билатералниот спор меѓу Грција и Македонија за името, беше во фокусот и на средбата што премиерот Груевски претходно ја имаше со високиот преставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон. На средбата, како што брифираа преставници на македонската делегација, се разговарало и за актуелните внатрешно -политички случувања во Македонија околу изборите и политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата. Потенцирано е дека е потребно да се запазат политичките критериуми и од двете страни, оти сите актери имаат одговорност за случувањата на политичката сцена во предизборниот циклус.