Расправа во Хаг за тужбата на Македонија против Грција

Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски

Пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг денеска ќе почне јавната расправа по тужбата на Македонија против Грција за кршење на Времената спогодба потпишана меѓу двете земји од 1995 година. Јавната расправа ќе трае до 30 март, а ќе се одвива во две фази. Во првата денеска и утре својата аргументација пред судиите ќе ја образложи македонската страна, а на 24 и 25 март контра-аргументите ќе ги соопштат грчките застапници. Тимот што ќе ја претставува Македонија при втората фаза на 28 март ќе има можност да одговори усно на одбраната на Грција. Јавната расправа ќе биде заокружена на 30 март со завршниот збор на грчката страна.
Македонија ќе ја застапува министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, а козастапник е македонскиот амбасадор во Холандија Никола Димитров, како и четворица професори по право од Лондон, Вашингтон, Брисел и Сорбона и двајца нивни колеги од Правниот факултет при УКИМ.