САД: Гадафи не ја почитува новата резолуција на ОН

Американски официјални претставници го обвинија либискиот лидер Моамер Гадафи за кршење на новата резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот во Либија. Тоа го потврди американскиот амбасадор во Светската организација Сузан Рајс, а претставник на американската национална безбедност за Ројтерс изјави дека постојат повеќе индикации оти силите на Гадафи продолжуваат да напредуваат кон упориштето на бунтовниците во Бенгази. Вчера претседателот Барак Обама го предупреди Гадафи дека се соочува со меѓународна воена акција доколку не ја почитува резолуцијата на Обединетите нации и доколку неговите сили не се повлечат од Бенгази и од другите градови. Владата во Триполи соопшти дека го почитува прекинот на огнот и покани меѓународни посматрачи за да го потврдат тоа. Ситуацијата во Либија ќе биде единствена тема на денешниот состанок во Париз на кој ќе учествуваат претставници на Европската унија, на Арапската лига, на Африканската унија, како и американскиот државен секретар Хилари Клинтон и генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун.