Иванов за утре закажа нова лидерска средба

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов за утре закажа нова лидерска средба на која се поканети претседателите на најрелевантните политички партии во македонскиот парламент. Иванов по вечерашната средба со првите луѓе на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и на ДУИ Али Ахмети, а на која не учествуваа лидерите на СДСМ Бранко Црвенковски и на Нова Демократија Имер Селмани, рече дека целта била да се поттикне дијалог за да може да се постигне решение кое треба да се донесе во Собранието на Македонија, да се надминат отворените политички прашања во врска со предвремените парламентарни избори, бојкотот на Парламентот и обновување на дијалогот меѓу власта и опозицијата. Учеството на неделната лидерска средба досега го потврдиле Груевски и Ахмети. Тие по вечерашната средба изразија надеж дека претседателот на СДСМ Црвенковски утре заедно со претседателот на Нова Демократија Селмани ќе се појави на средбата. Претходно Бранко Црвенковски му упати писмо на Ѓорге Иванов во кое, меѓу другото, се подвлекува дека во моментот кога ќе обезбеди соодветен формат на релевантни парламентарни партии, чие присуство е неопходно за да се обезбеди консензус за одржување на слободни, фер и демократски предвремени парламентарни избори, може да смета на неговото присуство и соработка.