Црвенковски не оди на лидерската кај Иванов

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски попладнево на прес-конференција во партиското седиште соопшти дека нема да учествува на вечерашната лидерска средба што ја свика претседателот Ѓорге Иванов.
Нема да учествувам од две причини бидејќи не гледам зошто би одел на средба во состав кој не гарантира минимум неопходен консензус за утврдување на фер правила на игра за претстојните парламентарни избори. И второ, уште помалку имам намера да бидам покритие за средба меѓу Груевски и Ахмети на која тие ќе ги надминуваат своите коалициски меѓупартиски недоразбирања и пазарења, образложи Црвенковски.
Од кабинетот на претседателот Иванов, како што посочи, не добиле објаснување врз кои критериуми на средбата биле поканети само ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ.
Го повикам претседателот Иванов да свика вистинска логична лидерска средба. Таа е потребна и неопходна. Тоа не е прашање на волја на претседателот. Во вакви политички околности тоа е и негова обврска. И однапред кажувам дека во тој случај со задоволство на таквата средба ќе присуствувам, рече Црвенковски.