Евролидерите побараа Гадафи да замине од власт

Лидерите на Европската унија на денешниот состанок во Брисел посветен на кризата во Либија побараа од лидерот Моамер Гадафи веднаш да замине од власт. Претседателот на Унијата Херман Ван Ромпуј изјави дека Гадафи е лидер кој пука врз својот сопствен народ. Лидерите се согласија да бидат разгледани сите неопходни опции за заштита на населението во Либија. Сепак тие наведуваат дека за секоја воена операција е потребна поддршка од Обединетите нации и од арапскиот свет. Претходно францускиот претседател Никола Саркози изјави дека неговата земја и Британија се за напади врз Либија во случај Гадафи да употреби хемиско оружје. Во меѓувреме, силите лојални на Гадафи, како што јавуваат агенциите, извршиле офанзива врз источниот град Рас Лануф.