Гадафи најавува отпор, Европа бара тој да се повлече

Гадафи во заштитено возило

Либија ќе остане силна и ќе пружа отпор, рече лидерот Муамар Гадафи при денешното телевизиско обраќање во Триполи. Тој ги повика НАТО и Обединетите нации да ја испитаат ситуацијата во земјата, обвинувајки ја терористичката „Ал Каеда“ за немирите. Првиот човек на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, од друга страна, денеска изјави дека Гадафи мора да отстапи. „Комплетно неприфатливите постапки на либијскиот режим во текот на изминатава недела болно појаснија дека Гадафи е дел од проблемот а не е дел од решението. Време е тој да си замине и да ја предаде земјата на либијскиот народ“ рече Баросо.