Ваши коментари

Темата во нашата рубрика Хајд парк „Кој е виновен за меѓуетничките тензии?“ и интервјуто со професорот Љубомир Фрчкоски со многубројни коментари од нашите слушатели.
Некој колега деновиве рече, создади меѓуетнички тензии и ќе се заборави на сиромаштијата, беспарицата, на проблемот со името... Судејќи според мигновената реакција преку пишување, речиси веднаш, многубројни коментари на нашето ново прашање во Хајд паркот - кој е виновен за меѓуетничките тензии во Македонија? - колегата имал право.

Значи, Миро од Скопје ги предизвикува, како што вели, силните Вмровци да продолжат да градат на Калето и дека патриотите не смееле ниту црква да направат, па пишува: „Грујо, гради си Триумфална порта, ептен корист
имаме од тоа, а никој не ти се буни, па направи уште една!“


Трајко пишува дека се знае кој е виновен - ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ; тие, вели, се договорија и го организираа Кале, а се најдоа наивни партиски послушници и ја подгреаја атмосферата. Сега со денови ќе имаме за муабет, а тие, во меѓувреме крадат ли крадат.

Фатмир од Тетово се согласува со Трајко и пишува дека него му е гајле што немам работа, вели, а ВМРО гради споменици и други глупости, па уште не' тераат да се тепаме за нив. „И Ахмети се бореше за правата на Албанците, а сега фатија фотељи и не им се пуштаат“, завршува тетовецот Фатмир.

И како фил на тортата, редовниот Џони од Валандово ќе напише: „Ако има Господ ќе му даде сила на овој народ да се свести и да ги испади од Македонија овие лажни патриоти и кобајаги верници. Па сакаат да не' скараат меѓусебе за ние очи да си вадиме, а тие да дрпаат и да си делат функции. Бандити!“, извикува на крајот на својата порака Џони.

Има многу ваши коментари, почитувани, на неделното интервју на Радио Слободна Европа од Скопје со професор Љубомир Фрчкоски. Има повеќе негативни забелешки за личноста и интелектуалниот и стручниот капацитет на Фрчкоски, потсетувања за неговото работење како прв човек на полицијата и на надворешните работи, забелешки зошто се прави интервју токму со него, но има и неколку, би рекле, објективни: „Коментариве сами кажуваат во каква трагична состојба е духот на луѓево“, пишува Гого од Скопје. „Гледам многу сте збунети. Или не му ги разбирате ставовите или, пак, ја искажувате својата нетрпеливост. Сироти, се' по команда работите, мислете малку со своја глава“, пишува слушател потпишан со: Оооо, се' вмровци. А Димитар од Скопје се чуди како тие што се на власт не добивале лоши коментари - гледам, забележува тој, тие се олицетворение на перфекцијата!