Пентагон бара 118 милијарди долари за Авганистан и за Ирак

Пентагон, во својот предлог буџет за фискалната 2012 година, бара 117,8 милијарди долари за финансирање на воените операции во Авганистан и Ирак. Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс изјави дека буџетот е предложен врз основа на бројката на американски војници кои се наоѓаат во Авганистан, но дека можеби тие пари нема да се потрошат ако ситуацијата таму се подобри и војниците се вратат назад. САД и нивните сојузници планираат да ја предадат одговорноста за безбедноста во земјата на авганистанските сили до крајот на 2014 година. Речиси 13 милијарди долари од буџетот што го бара Пентагон за Авганистан е наменет за обука и вооружување на авганистанските безбедносни сили.