Во Албанија се одржаа мирни демонстрации на опозицијата

Тирана, 28 Јануари

Денешниот протест организиран од албанската опозиција во знак на почит кон тројцата загинати демонстранти помина без никаков инцидент.
Големата поворка во која беа роднини на загинатите, лидерите на опозициските партии и неколку десетина илјади граѓани од сите делови на земјата, го преполни плоштадот „Народни херои“ во Тирана.
Тивко со цвеќиња во раце и слики на загинатите тие стигнаа до пред зградата на владата, каде се случија и најкрвавите настани од 21 јануари. Тука со положување цвеќе им беше оддадена почит на загинатите, јави МИА од Тирана.
За безбедноста беа ангажирани полициски сили од сите сектори, како и Националната гарда. Најголеми безбедносни мерки се преземени околу владата, која е заобиколена и со бодликава жица.