Палестинците негираат дека „му попуштале“ на Израел

Палестинските власти го нарекоа „куп лаги“ документот што покажува дека тие биле подготвени на поголеми отстапки кон Израел отколку што признаваат.
Телевизијата Ал-Џезира претходно објави документи кои покажуваат дека во минатото, Палестинците им понудиле на Израелците да го поделат Ерусалим и да го ограничат враќањето на палестинските бегалци. Ал Џезира тврди дека документите што ги прикажаа се дел од мировните преговори кои се водеа изминатава деценија.
Во извештајот се наведува дека Палестинците им понудиле на Израелците да ги задржат сите еврејски енклави освоени во блискоисточната војна во 1967 година, освен една во Источен Ерусалим. Исто така Палестинците предложиле и меѓународна контрола на светиот град Ерусалим и биле подготвени да го ограничат враќањето на палестинските бегалци во Израел на 100 илјади. Се наведува дека израелските преговарачи не понудиле ништо за возврат и ја одбиле понудата.
Американските власти не можеа да ја потврдат веродостојноста на документот.