Тутунскиот бос Бајруш Сеидиу останува во притвор

Апелацискиот суд - Скопје денеска му го продолжи притворот на Бајруш Сејдиу за случајот „Пепел 2“, во кој му се суди за криминал со фалсификување на цигари, неплаќање акцизи и злосторничко здружување.
Ова е втора одлука на Апелација за Сејдиу овој месец.
Пред десеттина дена Судот одлучи притворот во затворот „Шутка“ да му го замени со домашен притвор со понудена гаранција од 1.400.000 евра. По жалба на Обвинителството, Врховниот суд ја преиначи одлуката. Врховните судии оценија дека Апелацискиот суд немал право да одлучува по жалбата на Сејдиу бидејќи тоа е во надлежност на Кривичниот суд. Врховниот суд, исто така, констатирал дека двајцата од тројцата судии кои гласале Сејдиу да биде преместен во домашен притвор постапиле нестручно и несовесно. Претседателот на Судот Јово Вангеловски поведе иницијатива за утврдување одговорност на двајцата судии - претседателот на Апелацискиот суд Јован Митриновски и судијата Исмаил Лимани.