СДСМ:Заклучоците на Советот на министри на ЕУ се неуспех за Македонија

Опозициската партија СДСМ смета дека заклучоците на Советот на министри на ЕУ, се неуспех за Македонија, бидејќи повторно е одложено доделувањето на датум за преговори. Во соопштението од партијата е наведено дека заложбите за евроатлантски интеграции на Владата се декларативни и оти таа се поотворено води антиевропска политика. Во продолжение на соопштението се вели дека спорот со името останува пречка во процесот на интегрирање на Македонија, но истиот не смее да се користи како изговор за неспроведување на реформите. СДСМ тврди дека ВМРО ДПМНЕ и покрај добиените критики во извештајот на ЕК поради мешањето на извршната во судската власт, нападот врз независноста на Уставниот суд, партизирањето на јавната администрација, продолжи со уште позасилена партизација и притисок врз медиумите со што ги загрози основните критериуми на едно демократско општество..Во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека само СДСМ, со едно вакво антидржавно соопштение може да биде пример за партија која што работи во спротивност со националните и државните интереси а ЕУ, втор пат по ред, констатираше дека се исполнети условите кои и беа дадени на Македонија.