Косовската влада ги отфрла обвинувањата за трговија со органи

Косовската влада синоќа како невистинити и злонамерни ги отфрли наводите на известувачот на Советот на Европа Дик Марти, кој ги обвини поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) дека во 1999 година организирале грабнувања на луѓе, со чии органи тргувале во Албанија. Во изјавата на владата се истакнува дека претставници на домашното и на меѓународното правосудство неколку пати ги истражиле наводите изнесени вчера во лондонски Гардијан, и во сите случаи е констатирано дека тие не се засновани врз факти, туку дека станува збор за конструирани обвиненија, чија цел е да се наруши имиџот на Косово и на борбата на поранешната ОВК. Јасно е дека некој сака да го попречува премиерот Хашим Тачи по парламентарните избори, на кои граѓаните на Косово јасно и масовно му ја дадоа довербата, се вели во изјавата.