Комисијата за Корупција бара кривична пријава за Црвенковски

Државната Комисија за спречување на корупцијата од Јавното обвинителство ќе побара да покрене иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на поранешниот претседател на Република Македонија Бранко Црвенковски и одговорни лица во неговиот Кабинет во врска со случајот „Надеж“, односно за склучениот договор со тројца словенечки експерти за изработка ПР стратегија, вредна 340.000 евра.
Комисијата, како што информира денеска нејзиниот претседател Илми Селами, ја донесла таквата одлука на вчерашната седница откако ги прегледала документите добиени од кабинетите на актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов и на поранешниот претседател Црвенковски. Антикорупциската комисија констатирала дека претседателот на Република Макеоднија во време кога претседателската функција ја извршуваше Бранко Црвенковски, без спроведување постапка за јавна набавка, ангажирал тројца консултанти од Република Словенија.
На таков начин, според Селами, е прекршен Законот за јавни набавки што, пак повлекува незаконско и ненаменско трошење средства, а со тоа и злоупотреба на службената положба и овластување.
Одлуката Комисијата ја донела со четири гласа за и три против.