Затворен казахстански активист се жали во Комитетот за човекови права на ОН

Американска адвокатска група соопшти дека активист за човекови права во Казахстан поднесе жалба во Комитетот за човекови права на Обединетите Нации. Активистот Евгениј Жовтист вели дека неосновано издржува казна затвор и се сомнева дека целта на тоа, е да го замолчат. Тој минатата година беше осуден на 4 години затворска казна поради учество во сообраќајна несреќа со фатални последици. Жовтист бил претседател на бирото за човекови права во Казахстан, кое често пати критички настапува кон власта за која во Бирото тврдат дека често ги крши човековите права. Судењето на активистот го привлече интересот на меѓународната јавност која критикуваше за политичка вмешаност во судскиот процес.