СДСМ - Буџетите со празни ветувања

СДСМ ќе го разгледа Предлог-буџетот за 2011 година и ќе каже што мисли за него откако тој јавно ќе биде достапен, но за партијата спорно е тоа што досега беше ветено, а не реализирано, изјави денеска потпретседателот на партијата Зоран Јовановски.
Тој рече дека во 2009 година биле реализирани помалку од половина од најавените капитални инвестиции, а во 2010 година со ребалансот на буџетот речиси за една четвртина биле скратени предвидените капитални инвестиции. Тој додаде дека проблемот на Владата не е што предвидела во буџетот, туку, како што рече, тоа што никој веќе не и верува.
Изјавата за буџетот која ја даде потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски се базира врз шпекулации и погрешни претпоставки. Буџетот за 2011 година е инвестициски и развоен буџет кој своето зголемување го должи пред се на порастот на капиталните инвестиции за 29 отсто што е најголемо досега споредено со сите досега предложени буџети во Република Македонија, се вели во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ.