ММФ - Земјите од Централна и Источна Европа, закана од нова „Грција“

Владите на земјите од Централна и Источна Европа мораат веднаш да преземат мерки за намалување на своите буџетски дефицити или во спротивно ќе се соочат со финансиски кризи слични како онаа што ја потресе Грција и ќе предизвикаат огромни штети во нивните и онака слаби банкарски системи, предупреди денеска Меѓународниот монетарен фонд.
Во својот полугодишен извештај за економските перспективи на земјите од Централна и Источна Европа, ММФ предвидува дека економијата во овој регион во текот на 2010 ќе зајакне за 3,9 проценти, откако лани таа забележа пад од шест отсто. За следната 2011 година Фондот предвидува економски раст во овој дел на Европа од 3,8 проценти.