Бан Ки-мун - Решение за името што поскоро

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун денеска во Стразбур изрази надеж дека со посредство на неговиот специјален пратеник Метју Нимиц наскоро ќе се најде решение за грчко-македонскиот спор за името што ќе биде прифатливо за двете страни, пренесува МИА.

„Знам дека постојат историски причини кои влијаат врз дебатата за ова прашање. Се сретнав со раководителите на двете земји и знам дека е важно да се води сметка за разликите во мислењата, но и да се најде едно решение за името колку што е можно побргу и на хармоничен начин“, рече првиот човек на Светската организација.

Тој одговараше на новинарско прашање на прес-конференцијата по завршувањето на церемонијата во Советот на Европа по повод 60-годишнината од усвојувањето на Европската конвенција за човекови права.