Претседателот Иванов во Стразбур на прослава на СЕ

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов утре во Стразбур ќе учествува на одбележувањето на 60-годишнината од усвојувањето на Европската конвенција за човекови права.
Иванов во име на македонското претседателство со Комитетот на министри на Советот на Европа ќе има обраќање на церемонијата што по тој повод ќе се одржи во СЕ. Ќе говорат и генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, генералниот секретар на Советот на Европа (СЕ) Торбјорн Јагланд и претседателот на Судот за човекови права во Стразбур Жан Пол Коста.
Во рамки на одбележувањето ќе се одржи панел дискусија за иднината на човековите права во Европа со која ќе претседава Жан Пол Коста, а ќе учествуваат и првите луѓе на надлежните тела на СЕ за борба против трговијата со луѓе, расизам и нетолеранција, тортура и нечовечки третман, социјални права и заштита на националните малцинства и малцинските јазици.
Европската конвенција за човекови права е усвоена од новоформираниот Совет на Европа во Рим на 4 ноември 1950 година, а стапи во сила на 2 септември 1953 година.