Анализа на Херитиџ - Македонија да биде примена во НАТО

Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама во пресрет на НАТО-самитот во Лисабон треба да изврши притисок за натамошно проширување на Алијансата, а особено за прием на Македонија, која е блокирана од нејзиниот сосед Грција, се истакнува во анализата на американската Фондацијата „Херитиџ“. Сепак, се оценува дека, американската поддршка можеби нема да биде доволна за да се обезбеди прием на Македонија во НАТО, па Вашингтон ќе мора да ги искористи сите свои дипломатски канали во Европа, како и своите претставници во Атина за да го зголеми меѓународниот притисок врз Грција со цел итно да се реши ова прашање. Неопходен е силен дипломатски притисок врз Атина и од страна на Европа, особено од Франција и Германија, кој Вашингтон може да го побара од Париз и од Берлин, се вели во анализата.
- Македонија го заслужува местото во НАТО. Затоа САД и нивните клучни европски сојузници вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија треба да ги интензивираат напорите и да осигураат местото на Скопје на масата на НАТО веќе да не биде блокирано на нефер начин, се наведува во анализата.
Аналитичарите на „Херитиџ“ укажуваат дека 18-годишниот грчко-македонски спор за името можеби нема да биде решен до лисабонскиот Самит, но потсетуваат дека според Привремената спогодба од 1995 година Грција се обврзалa да не ја злоупотребува својата позиција и да не го блокира влезот на Македонија во меѓународните институции.
Забележуваат дека Атина не смее да ги внесува своите билатерални проблеми во Алијансата и да ги нарушува неговите принципи, туку треба да демонстрира подготвеност да биде позитивен регионален играч, а не фактор кој ќе врши опструкции.
- Многу е важно Алијансата да испрати порака дека е отворена за балканските нации кои го заслужуваат тоа како што е Македонија. Иако има петпати помалку жители од Грција, Македонија има распоредено повеќе војници во мисијата на НАТО во Авганистан, а се докажа и како партнер во коалициските сили во Ирак, пишува во анализата на Херитиџ Фондацијата.