Косовските вонредни избори на 30 јануари 2011?

Вонредните парламентарни избори на Косово можно е да бидат одржани на 30 јануари 2011 година, пишува денеска приштинскиот весник „Експрес“, повикувајќи се на западни дипломати акредитирани во Приштина.
Одржувањето на изборите на крајот на јануари е оптимален рок, бидејќи до тогаш треба да се подготви и изгласа законот за избори, а се совпаѓа и Уставниот рок за одржување избори бидејќи Фатмир Сејдиу поднесе оставка од функцијата претседател на 27 септември, поради оценката на Уставниот суд дека го прекршил Уставот извршувајќи ги истовремено функциите претседател на Косово и лидер на Демократскиот сојуз на Косово.
Во Приштина веќе се шпекулира дека ниту една партија нема да успее да освои доволен број гласови за сама да формира влада.
Новина на косовските избори најверојатно ќе биде и појавувањето на движењето „Самоопределување“. Според истражувањата објавени минатиот месец лидерот на ова движење Албин Курти ја има најголемата поддршка на избирачите.