Средба Милошоски - Бан Ки Мун во Њујорк

Република Македонија сака да го реши спорот за името во рамките на нормите на Обединетите нации, каде што се загарантирани човековите права, националното достоинство и почитувањето на резолуциите што се однесуваат на ова прашање, вклучително и почитувањето на Времената спогодба која Македонија и Грција ја склучија во 1995-та година, изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски по средбата со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, во седиштето на Светската организација во Њујорк.
Бан Ки-Мун позитивно го оценил напредокот на Република Македонија во процесот на имплементацијата на Милениумските развојни цели на ОН, а се интересирал и за последниот развој на настаните во процесот на разговорите со Грција за разликите околу името.
Се разговарало, како што посочи шефот на дипломатијата, и за македонското учество во меѓународните мировни мисии, македонскиот придонес во работата на ОН, како и за состојбата во регионот.