Судири меѓу полицијата и демонстрантите во Букурешт

Избија судири меѓу полицијата и демонстрантите, кои протестираат против владините економски мерки во Букурешт.
Група демонстранти, кои скандираа „Крадци!, крадци!“ почна да фрла празни шишиња и јајца кон полицијата пред романската влада. Тие се обидоа да ги пробијат барикадите и да влезат во зградата. Полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите.
Во организација на романските синдикати денеска на улиците на Букурешт излегоа околу десет илјади демонстранти, кои протестираат против владините мерки за штедење.
Тие бараат од Владата да ги зголеми платите на вработените во јавниот сектор на ниво од 2009 година и да прекине со отпуштањето работници и службеници.
Владата во јули ги намали платите на вработените во јавниот сектор за 25 отсто со цел буџетскиот дефицит да го доведе до ниво од 6,9 отсто од БДП.