Турција ја зголемува трговската размена со Иран

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган рече дека Турција сака да ја зголеми трговската размена со Иран за три пати во наредните пет години. Тој зборуваше на турско-иранскиот бизнис форум во Истанбил, на кој присуствуваат стотина стопанственици од двете земји. На форумот присуствуваше и првиот ирански вицепремиер Реза Раими.
Трговската размена меѓу двете земји рапидно порасна во последните десет години. Во 2000 година меѓусебната трговија беше 1 милијарда долари, за да достигне до 10 милијарди долари во 2009 година.
Засилувањето на трговските врски меѓу Турција и Иран се случува во време кога Иран се соочува со меѓународни санкции поради неговата нуклеарна програма.