Ден на независноста на Македонија

Македонија одбележува 19 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. Денот на независноста се одбележува со многубројни свечености и манифестации. На денешната Свечена академија по повод 8-ми Септември, обраќање ќе имаат претседателот на Собранието Трајко Велјановски и претседателот на МАНУ, академик Георги Старделов. Синоќа претставници на државниот врв, пратеници, претставници на верските заедници, на политичките партии и претставници на дипломатскиот кор во земјава, присуствуваа на приемот во Собранието. На овој ден, пред точно 19 години граѓаните на Македонија ја изразија својата определба за независна, самостојна и суверена држава. Убедливо мнозинство од над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.