Хрватите извршиле воени злосторства врз Србите во „Бура“

Хрватските сили свесно протерале десетици илјади Срби за време на кампањата за враќање на областа Краина во 1995 година, иако хрватските власти им наредиле на своите единици да не извршуваат злосторства за време на операцијата, изјави обвинителот на Хашкиот трибунал Ален Тијгр.
Во судскиот процес против хрватските генерали Анте Готовина, Младен Маркач и Иван Чермак, тој денеска изјави дека Хрватска незаконски убивала српски цивили и ги палела нивните куќи, откако тие ги напуштале за време на операцијата „Бура“.
Тројцата генерали се обвинети дека командувале со единиците, кои извршиле воени злосторства.
Обвинителот бара, Готовина да биде осуден на 27 години, Маркач на 23, а Чермак на 17 години затвор.
Генералите, пред судот во Хаг изјавија дека не се сметаат за виновни по обвинувањата.