Турција, Иран и Бразил ќе разговараат за нуклеарната програма

Министрите за надворешни работи на Турција, Иран и Бразил денеска на средба во Истанбул ќе разговараат за прекинатиот обид да посредуваат за надминување на ситуацијата со нуклеарната програма на Иран. Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу се сретна со својот бразилски колега Селсо Аморим, а потоа треба да им се придружи и иранскиот министер Маночер Мотаки . Тие ќе разговараат за изгледите мирно да се реши спорот околу нуклеарната програма на Техеран. Во соопштение на турското министерство за надворешни работи, се наведува дека Анкара ќе продолжи со напорите дипломатски да се реши спорот. Иран, Бразил и Турција постигнаа договор на 17 мај според кој Иран требаше да испрати ниско збогатен ураниум на дозбогатување во Турција и за возврат да добие високо збогатен ураниум од Русија и Франција. Светските сили ќе го почитуваат договорот кога Техеран ќе престане со својата нуклеарна програма.