Собрание на Македонија - расправа за ребаланс на буџетот

Собранието на Република Македонија денеска треба да ја почне расправата по предложениот ребаланс на Буџетот за 2010 година.
Според новите измени се предвидува ревидирање на приходите за 4,8 милијарди денари или за 3,3 проценти и соодветно нето намалување на расходите за 4,7 милијарди денари или за 3,1 процент. Дефицитот на Буџетот останува на првобитно планираното ниво од 2,5 проценти од БДП. Приходите се проектирани 138.537.306 илјади денари, расходите на 149.093.306 илјади денари, а дефицитот е 10.556.000 илјади денари.
Реалното кратење на расходната страна изнесува над осум милијарди денари бидејќи истовремено со ребалансот се обезбедени дополнителни средства за здравството, социјалната помош и пензиите и зголемени дотации за плати за образованието, како и за извршување на неколку одлуки на Уставниот суд, сето тоа во вкупен износ од околу 3,5 милијарди денари.
Основната причина поради која се предлага ребаланс на Буџетот на Република Македонија за 2010 година е прилагодување на јавната потрошувачка заради намалените приходи во Буџетот во првите месеци од годината.