Делегација на Советот на Европа во посета на Грузија

Македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски во својство на преседавач со Комитетот на министри на Советот на Европа во рамките на дводневната посета на Грузија ja посети зоната на разделување Ергнети со областа Јужна Осетија, како и кампот за раселени лица во Церовани, јавува МИА. Милошоски заедно со генералниот секретар на Советот на Европа, Торнбјор Јагланд, вчера остварија повеќе средби со највисоките претставници на власта во Тбилиси, со цел да се изнајдат начини како да се подобри ситуација во врска со проблемот околу териториите Јужна Осетија и Абхазија кои се надвор од контрола на грузиските власти. Се очекува денеска да се сретнат со претседателот на Грузија, Михаил Саакашвили.