Друцас ја информирал ЕУ за спорот со Македонија

Атина останува посветена на напорите за изнаоѓање решение за спорот со Скопје во рамките на ОН и нејзината позиција е јасна - име со географска одредница за севкупна употреба, изјави синоќа во Луксембург алтернативниот шеф на грчката дипломатија Димитрис Друцас.
Друцас, кој учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на кој се расправаше за европерспективите на Западен Балкан, рече дека ги информирал своите колеги за она што го прави Атина за подобрување на релациите со Скопје, како и за напорите за постигнување заедничко прифатливо решение што ќе и го отвори патот на Македонија во ЕУ и НАТО.
Министрите за надворешни работи на ЕУ, како што информира високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, на вчерашниот состанок во Луксембург накратко се осврнале и Македонија, без да соопшти детали за содржината на разговорите.
Во однос на „поранешната југословенска Република Македонија“ во тек се важни преговори. Им посакуваме се најдобро и се надеваме дека решението може да се постигне брзо и ќе ни овозможи да одиме нанапред, изјави Ештон на синоќешната прес-конференција.