Закажано итно заседание на Советот за безбедност на ОН

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе заседава за инцидентот во близина на појасот Газа, кога изралелски специјалци нападнаа конвој бродови со хуманитарна помош за палестинците. Најмалку деветмина загинаа а педесетмина беа повредени. Меѓу 600 патници на конвојот имало и македонски државјани. Јасмин Реџепи и Сами Емини од Скопје и Сеад Хасипи од Куманово последен пат контактирале со своите роднини околу полноќ, пред интервенцијата на израелските вооружени сили. За сега нема информации за нивната судбина. Македонското министерство за надворешни работи и министрите за надворешни работи од југоисточна Европа изразија жалење за инцидентот кој предизвика остри реакции во меѓународната заедница. Инаку, Израел и Египет воспоставија блокада на Газа откако власта ја превзеде Хамас во Јуни 2007. Според Израел, таа мерка беше неопходна поради тоа што Хамас стрела со ракети врз Израелска територија.