Македонија подготвена за ИПАРД средствата

Македонскиот рурален сектор е подготвен да ги апсорбира ИПАРД средствата. Но, парите треба ефикасно да се искористат, рече денеска на прес-конференција Жерар Кили од Европската комисија за следење на ИПАРД програмата.
ИПАРД процесот кој практично е подготовка за влез во ЕУ, според Кили, не значи само алокација на финансиската поддршка, туку опфаќа, пред се, два клучни аспекта - развој на земјоделството и јакнење на административната структура што ќе го поддржува. Од вкупно поднесените 131 апликација на првиот оглас за ИПАРД, по евалуацијата се очекува да бидат одобрени 35. Тоа, според европскиот експерт, е респектабилна бројка. Ова практично би значело искористување на околу пет милиони евра од побараните 18 милиони преку доставените 131 апликација, рече заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Перица Иваноски.