ИАТА незадоволна од европската реакција на вулканскиот облак

Меѓународната транспортна асоцијација соопшти дека европските власти биле многу непрофесионални при проценувањето на ризикот од облакот вулканска пепел, која се рашири над европскиот континент по ерупцијата на вулкан во Исланд. Првиот човек на организацијата попозната како ИАТА, Џовани Бисигнани рече дека до сега немало проценка на ризиците, немало консултации нити пак биле изведени било какви заклучоци за целата ситуација. Тој додаде дека воздушните простори мора да се отворат што е можно побргу, откако ќе се добијат факти изведени од тестирања. Поради облакот вулканска пепел, во изминативе четири дена беа откажане повеќе летови од северна и централна Европа. Авиокомпаниите пријавуваа штети во висина од 200 милиони американски долари дневно.