„Вима“: Груевски и Папандреу ќе се сретнат во Атина

Премиерите на Македонија, Грција и Бугарија, Никола Груевски, Јоргос Папандреу и Бојко Борисов ќе присуствуваат на средбата на тема „Предизвиците за Југоисточна Европа“ која ја организира британското списание „Економист“ на 29 април во Атина, јави денеска електронското издание на грчкиот весник „Вима“. Весникот истакнува дека посетата на македонскиот премиер е неофицијална и според програмата, Груевски ќе има обраќање на состанокот. Според грчкиот весник, македонската Влада и грчката Канцеларија за врски во Скопје до вчера „избегнале да го потврдат присуството на Груевски во Атина“. Според неименувани извори на весникот, Груевски ќе се сретне со Папандреу. Во натписот се додава и дека, според непотврдена информација, посредникот на ОН Метју Нимиц планирал до крајот на месецов на двете земји да им претстави нови идеи за решавање на прашањето за името.