Сочувство до Полска од македонскиот претседател Иванов

Трагедијата што се случи денеска во Смоленск е голема загуба не само за пријателскиот полски народ, туку и за сите граѓани на Македонија, изјави денеска претседателот Ѓорге Иванов по повод загинувањето на полскиот претседател Лех Качински во авионска несреќа. "Во овие тешки моменти за нашите полски пријатели на амбасадорот на Република Полска му пренесов порака дека како што Полска секогаш искажувала искрена поддршка во сите тешки моменти за граѓаните на Македонија, така и сега и во иднина нејзините граѓани можат да сметаат на нашата безрезервна поддршка и поткрепа", рече претседателот Иванов.
Република Македонија ја почувствува болката и знае како е на ваков трагичен начин да загуби лидер и државник. Се уште во нашите мисли и спомени живее ликот и делото на претседателот Борис Трајковски, наведе Иванов и истакна оти е сигурен дека името на претседателот Качински ќе остане врежано во меморијата на полскиот народ.